Русија го става светот во опасност од глад преку блокадата на пратките со жита од Украина и ограничувањата на сопствениот извоз, изјави денеска шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Заканата за безбедноста на храната и „битката за наратив“ со Русија за санкциите наметнати од Запад кон Москва поради нејзината инвазија врз Украина ќе доминираат на разговорите на министрите за надворешни работи на Европската унија, во понеделник во Луксембург.
„Подготвени сме да работиме со ОН и нашите партнери за да спречиме какво било несакано влијание врз глобалната безбедност на храната“, истакна Борел во написот објавен на неговиот официјален блог.
„Русија го претвори Црното Море во воена зона, блокирајќи ги пратките со жито и вештачко ѓубриво од Украина, но влијаеше и на рускиот трговски превоз. Русија, исто така, применува квоти и даноци на својот извоз на жито“, потсети тој.
„Се надеваме дека може да се најде решение во наредните денови. Ако не се направи ова се заканува да предизвика глобална прехранбена катастрофа“, предупреди тој.
Украина е четврти најголем извозник на житни култури во светот. Таа е главен извозник на пченка, пченица и семки од сончоглед. Меѓутоа, Русија ги блокира украинските пристаништа на Црното Море и на тој начин го запира извозот на жито по морски пат. Во Украина се заглавени околу 20 милиони тони житни култури.
Глобалните цени на пченицата достигнаа рекордно ниво во март, а зголемувањето на цените на храната предизвика протести во земјите во развој, како и забрзување на големите стапки на инфлација ширум светот.