Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат по руската инвазија го посети јужниот град Миколаев, кој е сериозно оштетен од војната, за време на работната посета на регионот, соопштија денеска од неговиот кабинет без да прецизираат кога била посетата.
„Претседателот изврши увид во зградата на регионалната државна управа на Миколаев, која беше уништена како резултат на ракетен напад на руските сили“, се вели во соопштението.
Ова е едно од ретките патување на Зеленски надвор од Киев.
Миколаев ја чуваше одбраната на јужна Украина, бидејќи лежи на патот до клучното стратешко пристаниште на Црното Море, Одеса.
Соопштението за посетата на Зеленски доаѓа еден ден откако во рускиот напад на градот загинаа две лица, а 20 беа повредени. Миколаев редовно беше цел на руските сили од почетокот на нивната инвазија на 24 февруари.
Зеленски, исто така, учествувал на состанок со локалните власти доделувајќи награди за храброст.
„Посебно внимание беше посветено на заканите од копно и море. Не престануваме да работиме за победа“, се вели во соопштението.
Градот се наоѓа на околу 100 километри северозападно од Керсон, кој падна во рацете на руските сили во првите недели од војната.