Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека земјава формално се уште го нема добиено францускиот предлог, кој треба да стигне откако Унијата, односно сите 27 членки во неа ќе имаат усогласен став за документот.
„Се разбира, јас имам начин како да имам пристап до тој документ, правиме анализа, но, ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме“, изјави Османи.
„Меѓутоа, тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став“, рече тој.
Дополни и дека се прави анализа „на секој збор, на секоја реченица“, но смета оти треба да се испочитува процедурата.
Конечниот збор го имаат сите 28 земји вклучени во процесот, 27 земји членки на ЕУ заедно со Македонија на која се однесува овој документ, кој треба да биде клучен за тргање на двегодишното бугарско вето.