Предлогот на француското претседателство е чекор во вистинската насока, но остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да биде укинато ветото, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев коментирајќи го францускиот предлог за укинување на бугарското вето за Македонија.
Тој упати критики до бугарскиот премиер Кирил Петков, кој вчера изјави дека нема да се носи никаква одлука надвор од бугарското собрание. Таму деновиве се работи во тензична атмосфера, откако од владината коалиција излезе партијата „Има таков народ“, со што Петков го загуби парламентарното мнозинство.
„Кабинетот на Кирил Петков никогаш не успеа да изработи бугарски предлог за спорното прашање со Република Северна Македонија, а сега го поднесува францускиот предлог, префрлајќи се во Народното собрание без да каже став. Не може Петков да поднесува туѓи предлози без свое мислење - тој не е курир, туку премиер“, рече Радев пред новинарите.
Радев кој во повеќе наврати изјавуваше дека се противи на кревањето на бугарското вето за Македонија, ги повтори темите како внесување на Бугарите во Уставот, јасни механизми за искоренување на дебугаризацијата, кражба и фалсификување на бугарската историја, реставрација на споменици, зачувување на бугарското културно и историско наследство, компензација за жртвите и репресираните што се нарекуваат Бугари.
Притоа ја повика владата да ги разјасни овие прашања, да бара гаранции и да ги брани бугарските интереси.