Украинските бранители сè уште се држат во Северодоњецк, тврдат украинските власти, додека трае повеќенеделната битка за клучниот источен град. Руските сили започнаа силно бомбардирање на Лисичанск, лоциран на брегот на реката Северски Донецк, спроти Северодоњецк.
Серхи Хејдеј, воениот гувернер на Луганск, регионот каде што се наоѓаат збратимените градови, вчера за украинската државна телевизија изјави дека многу луѓе загинале во силното гранатирање. Хејдеј подоцна објави на интернет дека клучниот автопат надвор од градот сега е непрооден.
Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање на 18 јуни, објави дека во последните 48 часа, руските сили веројатно го обновиле нападот јужно од градот Изум, околу 115 километри северозападно од Северодоњецк, со цел да го опколат од север.
Хејдеј рече дека е невозможно да се евакуираат повеќе од 500 цивили кои се заробени во хемиската фабрика Азот во Северодоњецк. Тој рече дека околу 10.000 цивили, од предвоената популација од 100.000 луѓе, остануваат заробени во Северодоњецк, а основните резерви им се при крај.
Обединетите нации соопштија дека бројот на цивили кои сè уште се заробени во градот е 12.000.
Билтенот на британското разузнавање истакна дека Русија, и порано во кампањата во Украина и во Сирија, ги користела еднострано прогласените „хуманитарни коридори“ како механизам за манипулирање со борбениот простор и наметнување на принуден трансфер на население.
Руската предложена рута, соопшти британското разузнавање, ќе ги одведе цивилите кон градот Сватова, подлабоко во територијата окупирана од Русија.
Доколку заробените цивили ја одбијат понудата на Москва да излезат преку коридор, Русите најверојатно ќе бараат оправдување да направат помала разлика меѓу нив и која било украинска воена цел во областа, заклучува британското разузнавање во својот билтен.
Украина соопшти дека нејзините сили потопиле руски брод со две ракети Харпун во Црното Море на 17 јуни, што е првпат да тврди дека погодила руски брод со противбродското оружје доставено од Западот.
„Подоцна се дозна дека потона“, рече воениот гувернер на Одеса Максим Марченко во видео изјава на неговиот канал Телеграм по првичните информации дека бил погоден бродот Васили Беч.
Тврдењето не можеше да биде независно потврдено. Од руска страна немаше коментар.
Украина постојано бара понапредно тешко вооружување за да им помогне на своите сили да го спречат рускиот напад.
Преку програмата може да се обучуваат до 10.000 војници на секои 120 дена, објавија од кабинетот на Џонсон. Секој војник би поминал три недели учејќи борбени вештини за првата линија на фронтот, како и основна медицинска обука, сајбер-безбедност и тактики за контраексплозија.
Украина изгуби илјадници свои најдобри војници во војната во Донбас на истокот на Украина. Зеленски рече дека околу 100 украински војници умираат секој ден.