Како премиер нема да донесам никаква одлука ако не ја донесе бугарскиот Парламент, изјави вечерва бугарскиот премиер Кирил Петков во врска со францускиот предлог за кревање на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
„Единственото нешто што ќе го кажам на масата со европските лидери е дека нема да го сменам бугарскиот став доколку нема одлука од бугарскиот Парламент“, изјави Петков.
Во интервју за Бугарската национална телевизија, Петков рече дека без бугарскиот Парламент нема да има одлука, наведувајќи дека доколку е вистина тоа што го слушнал, во францускиот предлог ќе има гаранции за Бугарите во Република Северна Македонија и во однос на антидискриминацијата и во однос на Уставот на земјата.
Францускиот предлог во врска со кравањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, денеска беше испратен до Комисијата за надворешна политика на бугарското Национално собрание.
Според она што го пренесуваат медиумите во двете земији, Франција, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, предлага условите на Бугарија за Северна Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка на земјата за пристапување во Европската унија, а дека ЕУ треба да го гарантира нивното спроведување.
Така, со согласност на Скопје и сите други земји членки на ЕУ, вклучително и на Бугарија, ќе може да започне преговарачкиот процес, а неговиот развој да зависи од спроведувањето на бугарските барања.
Бугарскиот сервис на РСЕ пренесува дека во документите испратени од француското претседателство, меѓу бугарските услови за пристапување на Северна Македонија во ЕУ се додадени барања за спроведување на реформи и законски измени како што се реформите во судството и борбата против корупцијата.
Во една од точките се наведува дека „пристапните преговори предвидуваат посебно внимание да се посвети на заштитата и недискриминаторскиот третман на граѓаните од малцинските групи и заедници во Северна Македонија“, како одговор на барањето на Софија за официјално признавање на бугарската заедница.
Додадено е и барање за борба против говорот на омраза и дискриминацијата. Што се однесува до јазичниот спор, ЕУ ги забележува намерите на Бугарија и Северна Македонија да дадат еднострана декларација за македонскиот јазик, пренесува БНР.
Рамката за преговори го вклучува и барањето за постигнување конкретни резултати и совесно спроведување на билатералните договори, вклучително и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година и Софиската декларација од мај 2018 година.
Петков рече дека не го прочитал францускиот предлог, кој е испратен директно до Собранието, велејќи дека нема да донесе никаква независна одлука.
„Ќе ја следам волјата на бугарскиот Парламент“, изјави Петков.