Британскиот премиер Борис Џонсон вети поголема воена помош за Украина за време на ненадејната посета на Киев.
„Ние сме со вас за да ви ја дадеме стратешката издржливост што ќе ви треба“, изјави денеска Џонсон непосредно пред закажаната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Џонсон не навлезе во детали за тоа каква нова помош неговата нација ќе и пружи на Украина.
Киев ги моли западните земји за повеќе тешка артилерија, вклучително и хаубици и ракетни фрлачи, велејќи дека неговата земја има 10 пати помалку оружје од Русија.
Украина полека губи територии во Донбас поради поголемата огнена моќ на Русија, велат експертите.
Сепак, украинските сили продолжуваат да даваат жесток отпор.
Џонсон, кој беше во својата втора посета на Киев откако Москва ја започна својата инвазија на 24 февруари, рече дека руските сили имаат „големи загуби“.
Посетата на Џонсон доаѓа еден ден откако лидерите на Германија, Франција, Италија и Романија ја посетија Украина во знак на поддршка.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во интервју во Берлин на 17 јуни дека одржува отворена линија со рускиот претседател Владимир Путин во обид да се стави крај на војната, но предупреди дека Москва нема да може да ги диктира мировните услови.