Хуманитарната ситуација во источна Украина достигна „исклучително алармантно“ ниво и продолжува да се влошува, беше денеска соопштено во Обединетите нации.
Хуманитарната агенција на ОН, ОЦХА, соопшти дека ситуацијата е „особено загрижувачка во Северодонецк и околу него“, град во источна Украина во кој веќе неколку недели беснеат интензивни борби.
„Илјадници луѓе во Северодонецк, вклучително жени, деца и старци, доживуваат постојни бомбардирања и судири“, се наведува во соопштението.
Страните во конфликтот не постигнаа договор за олеснување на сигурна евакуација на цивилите или за овозможување пристап за хуманитарните работници за пружање итна помош.
ОН соопштија дека во градот се намалува пристапот до „чиста вода, храна, канализација и струја“.
Покрај тоа, Украина во петокот соопшти дека само „целосен прекин на огнот“ ќе овозможи евакуација на стотина цивили од хемиската фабрика Азот во Северодонецк, каде што се кријат цивилите.
„Сега е невозможно и физичко опасно да се излезе од фабриката поради постојаното гранатирање и борбите. Во скривниците има 568 луѓе, вклучително 38 деца“, соопшти гувернерот на Луганск Сехиј Гајдај на социјалните мрежи.
Северодонецк е најголемиот град во регионот Луганск кој е под контрола на Украина и веќе со недели е мета на тешки руски артилериски напади.
Гајдај претходно оваа недела рече дека околу 10 илјади цивили останале во градот, кој главно е под контрола на руските сили.