Европската комисија предлага Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус за членство во ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Европската комисија предложи Европската унија да им даде кандидатски статус на Украина и Молдавија.

Ова го потврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел.

„Комисијата му предлага на (Европскиот) Совет да ѝ се даде европска перспектива и кандидатски статус на Украина, со услов земјата да спроведе низа важни реформи“, рече таа.

Одлуката треба да ја донесе Европскиот совет.

„Украина покажа одлучност да ги негува европските вредности“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека Украина и пред војната презела важни чекори на европскиот пат.

„Украинците се спремни да умрат за европската перспектива. Сакаме да го живеат европскиот сон со нас“, напиша таа на Твитер.

Таа додаде дека има уште работа, најмногу од областа владеење на правото.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја пофали одлуката на Комисијата.

„Тоа е прв чекор на патот кон членство во ЕУ, кој сигурно ќе ни ја приближи победата“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Комисијата исто така предложи Молдавија да добие кандидатски статус.

Во однос на Грузија, Фон дер Лејен рече дека ја потврдиле европската перспектива, и дека, по исполнувањето на неколку услови, нивната апликација ќе биде повторно разгледана.

Предлогот за кандидатскиот статус за Украина го отвора патот на челниците на влади на ЕУ да го потпишат тоа на Самитот следниот четврток и петок во Брисел, што ќе го подигне моралот на Украина која се бори против руската инвазија.

Украина бара кандидатски статус од 2014 година. Се очекува патот до полноправно членство да трае со години и да бара длабоки реформи во борбата против корупцијата.

Никогаш во историјата на ЕУ, мислењето за една земја не било донесено во олку краток период од поднесувањето на кандидатурата.

Проширувањето на ЕУ како политика е во застој од 2018 година. Бугарија го блокира почетокот на преговорите на Македонија за членство, обвинувајќи ја дека не го почитува Договорот за добрососедство.

Официјален статус на земја кандидат имаат пет држави – Турција од 1999, Македонија од 2005, Црна Гора од 2010, Србија од 2012 и Албанија од 2014 година.