Во моментов кај нас нема дојдено предлог кој е усогласен на ниво на сите земји членки на Европската унија. Доколку земјите членки, вклучително и Република Бугарија усогласат предлог во однос на проширувањето на следниот самит, тогаш тој ќе биде испратен до нас и ние како таков ќе го разгледаме и ќе ги дадеме нашите забелешки, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски од Охрид, каде учествува на Преспа форумот за дијалог.
Ковачевски нагласи дека ние имаме многу јасни позиции, односно дека за македонскиот јазик и идентитет не се разговара и дека преговарачката рамка е мултилатерален документ што ќе треба да биде одобрен од страна на сите земји-членки и ќе овозможи затворање низ процесот на сите отворени прашања што ние ги имаме во процесот на пристапување кон ЕУ.
Тој нагласи дека решението треба да содржи севкупно решение и гаранции дека со ова нема да постојат никакви други барања во однос на нашето понатамошно напредување во интеграцијата во ЕУ.
„Ние како држава го цениме напорот на претседателството со ЕУ и на францускиот претседател Макрон кој во пресрет на Самитот има иницијатива за изнаоѓање решение, како што информираа медиумите, постои предлог кој очигледно е испратен до Република Бугарија и што ќе треба да го разгледаат низ своите институции. Доколку таков предлог стигне усогласен на ниво на сите земји-членки на ЕУ ние ќе го разгледаме и ќе ги дадеме нашите забелешки“, рече Ковачевски.
Вчера и шефот на дипломатијата Бујар Османи во одговор на прашање дали е запознаен со францускиот предлог за кревање на ветото од страна на Бугарија кон Северна Македонија, и дали има конкретни ставови, рече дека прво треба да видиме предлог усогласен од сите земји-членки и да дадеме одговор на нашата позиција на таквите предлози.
Франција вчера најави дека до сите земји-членки ќе достави официјален предлог за кревање на ветото кон Северна Македонија, а како што претходно јавија бугарски медиуми, премиерот на Бугарија Кирил Петков после тоа до Народното собрание ќе го испрати францускиот предлог за укинување на ветото за Македонија и почеток на преговорите за членство во Европската унија.