Шаленберг - ЕУ има одговорност и кон Западен Балкан, не само кон Украина

Архивска фотографија: Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг во Скопје

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг изјави дека Европската унија има одговорност не само кон Украина, туку и кон Западен Балкан, коментирајќи ја вчерашната поддршка на Киев од лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија.

„ЕУ не смее да потпадне под геостратешката „тунелска визија“. Ние имаме одговорност не само кон Украина, туку и кон земјите од Западен Балкан, што се кандидати со години“, објасни Шаленберг.

Тој во интервју за виенскиот весник „Курир“ тврди дека сега мора да биде јасно дека процесот на проширување е од посебно значење.

„Руската агресија во овој поглед мора да биде повик за будење на ЕУ“, подвлече Шаленберг.

Тој додаде дека на Украинците им е јасно оти пристапот е нешто што ќе трае долго.

„Затоа, Самитот на ЕУ нема да биде за членство, туку само за геополитички сигнал“, нагласи Шаленберг.

Според него, Австрија не се воздржувала од доделување кандидатски статус на Украина, туку само укажува дека ЕУ има геополитичка одговорност во соседството што е пошироко од Украина.

„Сакаме да испратиме сигнал до Москва дека Украина е дел од европското семејство. Мораме да размислиме дали за тоа е доволен симболичен чин како кандидатски статус“, објасни тој.

Тој истакна дека не смее да има кандидати од прва и втора класа и дека треба да се создаде впечаток дека одредени земји со години стојат на лентата за чекање, а покрај нив поминува Украина.

„Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ 17 години, па дури и го смени името за да се приближи до Унијата, а сè уште чека почеток на пристапните преговори. Ние сме за тоа Балканот да биде вклучен во ова патување, нагласи Шаленберг.

Тој нагласи дека Балканот не е спореден, туку главен двор во рамките на ЕУ.

„Не смееме да бидеме слепи на едното око. Русија има потенцијал да биде нарушувачки фактор и надвор од Украина. Без ниту еден куршум може да предизвикаат немири на Балканот. Затоа во наш интерес е да го земеме предвид целото соседство“, потенцира Шаленберг.

Тој вчера на маргините на Преспа форумот во Охрид се сретна со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар со кого разговараше за опасностите од последиците од руската агресија врз Украина на Западен Балкан.

Шаленберг и Ескобар ја истакнаа потребата од трансатлантска соработка во спречувањето на обидите за дестабилизација на Југоисточна Европа.