Тројцата европски лидери – Емануел Макрон, Олаф Шолц и Марио Драги утринава пристигнаа во Полска со специјален воз, по вчерашната посета на Киев, пренесе новинската агенција Франс прес.
Еден час пред доаѓањето на возот на полско-украинската граница, италијанскиот премиер Марио Драги дојде во вагонот на францускиот претседател Макрон на билатерална средба.
Синоќа, нешто по тргнувањето на возот од Киев, Макрон имаше билатерална средба и со германскиот канцелар Шолц.
Тројцата лидери, како и романскиот претседател Клаус Јоханис, кој вчера им се придружи во Киев, рекоа дека се за тоа на Украина „веднаш“ да ѝ се додели кандидатски статус за членство во ЕУ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави тој „историски резултат“ и изрази надеж дека останатите 23 земји-членки на Унијата ќе го поддржат тој став на Самитот на ЕУ на 23 и 24 јуни.
Делегациите на тројцата европски лидери имаа на располагање по четири вагони во возот.
Освен дипломатите и новинарите, во возот имаше околу 80 припадници на обезбедувањето од Франција, Италија, Германија и Украина.
„Сè помина добро“, рече еден од нив после невообичаеното патување на тројцата лидери во земјата зафатена со војна.
За да се пресретне секаков ризик од прекин на струја на пругата, на електричната локомотива на возот ѝ беше додадена и дизел локомотива.
Најголем ризик во Киев беше од голем ракетен напад. Неколку пати за време на посетата се огласија сирените за тревога. Во случај на напад, четворицата лидери би биле одведени во скривница.