Кина свечено го пушти во пловидба својот трети носач на авиони

CHINA-MILITARY

Кина денеска официјално го пушти во пловидба својот трет носач на авиони на церемонија организирана на бродоградилиштето во Шангај, јавува кинеската новинска агенција.

Ова е втор носач на авиони кој е целосно изграден во Кина и е технолошки подобрен во однос на претходниот. Тој ќе ѝ биде предаден во употреба на воената морнарица по воената проба на море.

Засега не се објавени информации кога е предвидено овој носач на авиони да почне да се користи, но најверојатно тоа ќе се случи наредната година.

Бродот е именуван „Фуџијана“ по име на една кинеска провинција, како и другите два брода кои се именувани „Лианинг “ и „Шандонг“.

Неговото официјално презентирање во јавноста доаѓа во време кога се покренува тензијата во кинеско-американските односи поради островот Тајван населен со 24 милиони жители и автономна управа, иако Кина смета дека тој е дел од кинеската историска територија.

Поради приближувањето на односите САД - Тајван во последните години, кинеската воена морнарица во неколку наврати своите носачи на авиони ги испрати во близина на островот.

Овој носач на авиони е многу поголем од претходните два.

Според агенцијата Џејнс, специјализирана за воени податоци, САД имаат убедливо најмногу носачи на авиони – 11, Кина и Велика Британија имаат по два, а Русија, Франција, Италија, Индија и Тајланд по еден носач на авиони.

Првиот кинески носач на авиони „Лиаонинг“ беше пуштен во употреба во 2012, а главно се користи како платформа за обука. Собраните знаења потоа послужија за изградба на „Шандонг“, првиот носач на авиони изграден во Кина кој почна да се користи во 2019.