Мицкоски - Францускиот предлог е нокаут за македонската дипломатија

Архивска фотографија од средба на бугарскиот премиер Кирил Петков и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Францускиот предлог е нокаут за македонската дипломатија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги информациите што се објавуваат во дел од медиумите дека со тој предлог бугарските услови би влегле во преговарачката рамка.

Мицкоски за Канал 5 рече дека изборот е или да се „бугаризираме“, или никогаш земјата нема да биде дел од Европската унија.

Од СДСМ реагираа на ставовите на Мицкоски велејќи дека тој глуми и бара оправдувања за тоа што ја поддржал Резолуцијата на Европската народна партија со ставовите на Бугарија.

„Мицкоски дома глуми патриот а надвор поддржува документи кои ги поткопуваат меѓународните позиции“, стои во реакцијата на СДСМ.

Во Бугарија и во Македонија се очекува францускиот предлог со кој би можело да се тргне бугарското вето за интеграцијата на Македонија во ЕУ. Бугарските медиуми денеска јавија дека предлогот ќе биде доставен во бугарскиот парламент. Во меѓувреме на барање на пратеници во Бугарија денеска беше разрешен собранискиот спикер Никола Минчев.

Бугарското Собрание треба да се изјасни за францускиот предлог пред да почне Самитот на ЕУ на 23 и 24 јуни. Бугарското собрание се соочува и со гласање за недоверба на владата на премиерот Кирил Петков. Опозицијата во бугарското собрание инсистира седница по тоа прашање да се закаже што е можно поскоро.

Македонските власти денеска рекоа дека до нив не стигнал францускиот предлог. Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека прво треба да се види предлог усогласен од сите земји-членки за потоа македонската страна да даде одговор на таквите предлози.