Провладин митинг се одржа пред Народното собрание на Бугарија.
Протестот е за поддршка на сменетиот претседател на Собранието Никола Минчев и на владата на премиерот Кирил Петков, јави дописникот на МИА од Софија.
Минчев се обрати пред насобраниот народ и им се заблагодари за поддршката.
Меѓу демонстрантите беа и премиерот Кирил Петков и вицепремиерите Асен Василев и Корнелија Нинова, како и владини министри и претставници на трите владејачките партии.
Кирил Петков рече дека промената не може да се запре и дека неговата влада нема да склучува договори со Дељан Пеевски (најбогатиот бугарски бизнисмен).
„Борбата за зачувување на Бугарија како европска земја продолжува и никој нема да ја троши оваа јавна енергија на која сме сведоци“, рече бугарскиот премиер.
Илјадници демонстранти носејќи знамиња на ЕУ и Бугарија, се собраа пред Националното собрание. Тие носеа плакати „Не за мафијата“, и „Бугарија е ЕУ“.
Минчев денеска беше разрешен од функцијата претседател на Собранието откако денеска пратениците гласаа за негово разрешување со 125 гласа „за“.
Против беа 113 пратеници. Еден пратеник беше воздржан.
Барањето за негово разрешување беше поднесено вчера со потписи на 120 пратеници од „Има таков народ“, ГЕРБ-СДС, ДПС и „Преродба“.