Протест на наставници во Иран против притворање на нивни колеги и малите плати

Протест на наставници во Иран

Наставниците во Иран повторно излегоа на протест на улиците поради продолжувањето на притворот на четворица нивни колеги, како и поради тешката економска состојба.

Собири се организирани во повеќе градови во Иран, а на протестите видно е силно полициско присуство, при што биле спречени некои собири. Според некои очевидци, ситуацијата во некои градови наликува на условите видени во воена состојба.

Иранските наставници, заедно со работници од други сектори, како и пензионерите излегоа на улиците низ целата земја барајќи подобри плати и работни услови.

Како одговор на тоа голем број на демонстранти и активисти беа повикани на разговори во полиција, а потоа дел од нив и притворени, но тоа не ги запре протестите.

Четворица наставници беа уапсени минатиот месец непосредно пред демонстрациите што се одржаа во неколку градови на Први мај, што се совпадна со Денот на учителите во Иран. Притворањето на наставниците беше повод Синдикатот на иранските наставници да повика на протести на 16 јуни.