Локалните власти во општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа оценуваат дека конечно на изборите се очекува да се обезбеди цензус, а со тоа и да се изберат градоначалници.
Претседателот на Собранието Талат Џафери распиша нови избори за градоначалник на овие две рурални општини. Предвидено е избори да има на 20 август.
Владиниот повереник за Општина Центар Жупа Арјан Ибраим за Радио Слободна Европа изјави дека во месец август по традиција во родниот крај пристигнуваат печалбарите, а тоа значи дека нема да има проблеми за да се обезбеди цензус, јавува дописникот на РСЕ во Дебар, Кенан Мимидиновски.
„Со оглед дека над 7о отсто од жителите се печалбари во Италија и некои други земји на ЕУ, убедени сме дека на изборите конечно ќе се обезбеди законскиот цензус и ќе се избере градоначалник“, нагласува Ибраим.
И владиниот повереник за Општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски за РСЕ ја изнесува истата оценка, оти изборите се одржуваат во месецот кога во родниот крај се враќаат печалбарите.
„Оваа значи дека општината ќе има градоначалник, а не владин повереник“, истакнува Куртовски.
Деновиве пред распишување на изборите за градоначалници во овие две општини каде што на 17 октомври минатата година не беа избрани градоначалници, бидејќи не беше обезбеден цензусот од 33 отсто, владините повереници побараа законски промени со цел да се намали цензусот или, пак, цензусот да не постои како што не постои за изборот на советници.
Арјан Ибраим истакна дека поради големата миграција во двете општини цензусот треба да биде укинат, додека, пак, Медат Куртовски сметаше дека цензусот треба да се намали. Исто така двајцата побараа локалните избори за градоначалник да се реализираат со избирачки списоци во согласност со новиот попис на населението извршен во 2021 година, а не се поранешниот попис.
Повторениот изборен процес за избор на градоначалник во овие рурална општина е поради тоа што на октомвриските локални избори кои се одржаа минатата година, не беше обезбеден цензус, бидејќи гласаа само 25 отсто од избирачите.
Потоа за во април повторно беа распишани избори, но во Маврово -Ростуше не се одржаа, откако од изборната трка се откажа единствениот кандидат, а во Центар Жупа не беа успешни, оти повторно немаше цензус.