Лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија денеска се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев за да ја уверат Украина во европската солидарност против руската агресија. Во меѓувреме, продолжуваат борбите во Донбас, а руските сили ги засилуваат нападите врз Северодонецк.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоанис денеска се сретнаа со Зеленски, додека украинскиот претседател бара потешко вооружување за да ѝ се спротивстави на Русија.
Украина претходно ги критикуваше Франција и Германија, и во помала мера Италија, дека се двоумат и бавно доставуваат помош во оружје.
Посетата доаѓа еден ден пред Европската комисија да ја објави својата оценка за апликацијата на Украина за членство во ЕУ. Соочена со руската агресија, Киев се залага за брз процес за членство во Унијата.
Четворицата лидери, кои допатуваа во Киев во воз од Полска, претходно прошетаа низ урнатините на киевското предградие Ирпин, место на тешки борби на почетокот на инвазијата.
Шолц на Твитер напиша дека Ирпин, како и Буча, каде што руските војници се обвинети за воени злосторства, стана симбол на „незамисливата суровост“ на руската инвазија врз Украина.
„Бруталното уништување на овој град е предупредување: оваа војна мора да заврши“, напиша тој.
Драги, пак, вети обнова на сè што е уништено, меѓу што и градинки и игралишта.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков предупреди против нови испораки на оружје од западните земји за Украина.
„Би сакал да се надевам дека лидерите на овие три земји и претседателот на Романија нема да се фокусираат само на поддршката на Украина со дополнително пумпање оружје“, рече тој.
Во меѓувреме продолжуваат жестоките борби во источна Украина.
Борбите за Северодонецк траат со недели. Освојувањето на овој град ќе им овозможи на руските сили да напредуваат кон Словјанск и Краматорск, понатаму на запад.