Последните намалувања на испораката на рускиот гас за Европа не се смислени, туку се последица на проблемите со одржување на турбините, предизвикани од санкциите, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитри Песков.
Испораката на руски гас за Европа денеска дополнително опадна, што предизвика загриженост околу повторното полнење на складиштата за зима и предизвика дипломатска препирка, откако рускиот снабдувач Газпром го обвини Западот дека санкциите ги попречиле работите на одржувањето.
Газпром вчера соопшти дека дополнително ќе ја намали дневната испорака на гас преку гасоводот Северен тек 1, а германскиот министер за економија оцени дека Газпром бара изговор за ширење на неизвесноста и покачување на цените.
Газпром прецизира дека дополнителното намалување од 33 проценти ќе почне денеска во 1:30 по московско време.
Компанијата соопшти дека тој потег бил неопходен за сервисирање на Сименс пумпните единици за гас во компресорската станица Портоваја. Ова е втор ден по ред во кој Газпром соопштува дека ќе ги намали испораките на природен гас.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек го нарече тој потег „политичка одлука, а не технички оправдано решение“.
Тој рече дека Германија е свесна за потребите за сервисирање на гасоводот, но првите поважни работи не би требало да се изведуваат до есен и не бараат намалување на обемот кое Газпром го најави.
Тој рече дека Газпром со тоа се обидува да го оправда растот на цените.
Германија „во моментов може да ги купи потребните количини на пазарот, до душа по повисоки цени“, рече тој.