Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел смета дека Македонија и Албанија треба што е можно поскоро да ги почнат преговорите со Европската унија, што е важно не само за двете земји туку и за целиот регион воопшто, особено во контекст на новите геополитички случувања.
„Европската политичка заедница“, нагласува тој, не е алтернатива за проширувањето, туку процес кој ќе овозможи продлабочување и унапредување на соработката.
„Војната во Украина отвори ново поглавје во европската историја и го стави проширувањето на ЕУ во преден план. Ќе упатам една јасна порака – ЕУ е цврсто посветена на вашиот влез во Унијата. Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да отпочне што е можно поскоро. Тоа е врвен приоритет и ги поддржуваме сите напори да се најде заедничко прифатливо решение за отвореното билатерално прашање со Бугарија“, рече Мишел на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски што се одржа во Охрид.
Тој најави дека наредната недела ќе организира состанок на 27-те земји членки и земјите од Западен Балкан.
„Не сум сигурен што ќе се случи на претстојниот состанок на Европскиот совет, но ќе направиме сè да бидат преземени одлучувачки чекори“, рече Мишел одговорајќи на новинарско прашање што содржи францускиот предлог за тргање на бугарското вето, кој, како што јавија медиумите во Софија, премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска ќе го достави до Парламентот.
Тој не сакаше да коментира кои ќе бидат заклучоците што ќе ги поднесе француското претседателство за состанокот на Европскиот совет, но посочи дека се работи да се најде решение.
Претседателот Пендаровски, пак, нагласи дека францускиот предлог е интерна работа на ЕУ во рамки на подготовката на заклучоците на Европскиот совет што Франција како претседавач со ЕУ треба да ги достави до сите земји членки.
Пендаровски рече дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската унија „што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани“.
„Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство од билатерални причини не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од западниот Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес кој, инаку, со години беше сметан за најдобра надворешна политика на Унијата“, рече Пендаровски.
Проектот за обединета Европа, според него, отсекогаш содржел и јасен геополитички аспект. Но, во овие моменти на војна на континентот, рече тој, таа негова димензија е посебно нагласена.
Мишел и Пендаровски се учесници на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Охрид.