Премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска до Народното собрание ќе го испрати францускиот предлог за укинување на ветото за Македонија и почеток на преговорите за членство во Европската унија. Ова го споделил самиот Петков пред своите најблиски соработници, јавија бугарските медиуми.
Петков кажал дека е „детално запознаен со шемата како ќе се случи сето ова: В четврток официјално ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, а јас лично утре ќе го испратам во парламентот. Лично зад мене стојат Емануел Макрон и Олаф Шолц. Ќе го прифатиме, а потоа продолжуваме понатаму“.
Вчера, на самиот почеток на состанокот на Министерскиот совет, Петков го прочитал неговото барање, кое е прифатено, „предлогот на француското претседателство веднаш да биде испратен до собраниската Комисија за надворешна политика“.
Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.