Соединетите Американски држави ќе обезбедат нов пакет воена помош за Украина во вредност од околу милијарда долари, кој вклучува дополнителна артилерија, напредни ракетни системи и муниција, најави на 15 јуни американскиот претседател Џо Бајден.
Бајден рече дека за тоа го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Потврдив дека САД ќе застанат покрај Украина додека ја бранат нејзината демократија и го поддржуваат нејзиниот суверенитет и територијален интегритет наспроти руската агресија“, рече Бајден.
Ова е најголемата поединечна испорака на оружје и воена опрема за Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, пренесува новинската агенција АП.
Американските власти рекоа дека помошта треба да вклучува противбродски ракетни фрлачи, хаубици и муниција за високомобилни артилериски ракетни системи (HIMARS), за кои американските војници ги обучуваат украинските сили.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди во Брисел, на состанокот со претставници на повеќе од 45 земји на темата за поддршка на Украина, дека Западот мора да го зголеми снабдувањето со оружје за Киев.
Столтенберг побара повеќе оружје за Украина, обуката за западните системи бара време
„Мораме да ја интензивираме нашата заедничка посветеност на самоодбраната на Украина и мораме да направиме уште повеќе за да обезбедиме Украина да се брани себеси, своите граѓани и својата територија“, рече Остин.
Состанокот се одржа на отворањето на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во седиштето на алијансата.