Бугарскиот премиерот Кирил Петков вети дека ќе го укине ветото за старт на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ до крајот на француското претседателство за време на негова средба со еврокомесарот Оливер Вархеји, изјави денеска министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска пред пратениците во бугарското Собрание.
„Тоа беше на мојата прва средба со еврокомесарот Оливер Вархеји. На состанокот присуствуваа седум-осум луѓе од тимот на МНР и како и на сите состаноци, од оваа средба беше подготвен меморандум. Овој меморандум е отворен и го потврдува токму тоа што вие го поставивте во вашето прашање“, изјави Генчовска во одговор на прашање на пратеникот и лидер на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов.
Како што јави БГНЕС, Костадинов при денешното сослушување на Генчовска на седница на бугарското Собрание ја праша дали на средба со Вархеји на 17 февруари, Петков се обврзал дека Бугарија ќе го укине ветото за старт на преговорите на земјава со ЕУ до крајот на француското претседателство, односно до крајот на јуни.
Претходно, Генчовска во обраќање пред бугарските пратеници изјави дека Петков испратил предлог со кој практично целосно се ревидира Рамковната позиција донесена од Народното собрание и Владата на Бугарија, но тој бил одбиен од МНР.
Генчовска оцени дека преговорите напредуваат, но има и прашања кои остануваат отворени за решавање. Еден од нив, како што наведе, е „формулацијата на т.н. македонски јазик во историска и етничка смисла“.
На 5 април годинава, како што посочи таа, советникот за надворешна политика на премиерот испратил нацрт за ажурирање на Рамковната позиција, којшто сугерирал ревизија на националната позиција на Бугарија.
„Нацртот на таа нова Рамковна позиција не го вклучува бугарскиот став за т.н. македонски јазик“, рече Генчовска.
Таа наведе дека има четири теми за кои треба да се направи напредок за да се заштитат бугарските национални интереси: имплементација на Договорот од 2017 година, вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија, зачувување на бугарската позиција за јазикот на соседната земја и вклучување на гаранции за сите овие прашања во преговарачката рамка на земјава со ЕУ.
Според неа, во преговарачката рамка на земјава со Европската Унија „ќе има механизам кој ги гарантира правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.
Генчовска рече дека „документот поврзан со јазикот во Скопје бил декларирана како строго доверлив во Парламентот“, а претседателот на Собранието, Никола Минчев најави дека пратениците можат да се запознаат со него на лице место во тајните деловодства на Собранието.
Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.