Зеленски бараа поостри санкции против Русија и кандидатски статус на Украина за ЕУ

Видео-обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред двата дома на чешкиот парламент

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Европската унија да ги заостри санкциите против Русија, барајќи седми пакет казнени мерки против Москва поради инвазијата врз Украина.

Унијата минатиот месец го донесе шестиот пакет санкции, што ќе спречи најголем дел од рускиот извоз на нафта во ЕУ, но направи исклучок за суровата нафта што се испорачува преку гасоводи, за да може и Унгарија да се согласи со санкциите.

Во видео-обраќање пред двата дома на чешкиот парламент, Зеленски ѝ се заблагодари на Чешка за досегашната помош, но го повика Западот да не прекинува со поддршката за неговата земја.

„Ние сме со вас, бидете со нас“, им порача Зеленски на чешките пратеници, кои му аплаудираа.

Тој исто така ја повика ЕУ да ѝ даде кандидатски статус за членство на Украина, прв чекор на повеќегодишниот пат кон членство во Унијата.

Зеленски предупреди на територијалните амбиции на Русија, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин нема да се задоволи само со освојување на Украина.

„Русија не е заинтересирана само за Мариупол, Северодонецк, Харкив и Киев. Не, нејзините амбиции се проектирани на огромна област од Варшава до Софија“, рече тој.

Чешка ќе го преземе ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јули.