Францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе „направи сè“ за да ја запре руската војна против Украина, што се чини како отстапување од неговите претходни ставови во однос на Москва, кои предизвикаа загриженост во Киев и меѓу европските сојузници за посветеноста на Франција во спротивставувањето на Русија.
Макрон, кој пристигна во Романија, во тридневна посета на јужното крило на НАТО и Молдавија, беше критикуван од Украина и источните членки на НАТО за, според нив, помалата поддршка за Украина.
„Ќе направиме сè за да ги спречиме руските воени сили, да им помогнеме на Украинците и на нивната армија и да продолжиме да преговараме“, рече Макрон пред француските, американски, британски и други сојузнички сили во НАТО базата Когалничеану во црноморското пристаниште Констанца.
Макрон денеска треба да го посети главниот град на Молдавија, Кишињев, каде што ќе разговара со проевропската претседателка Маја Санду. Некои медиуми објавија дека тој утре ќе го посети Киев, заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоанис, но нема потврда од кабинетот на Макрон.
„Мора да ја поддржиме Украина“, рече денеска Макрон на заедничката прес-конференција со Јоанис.
„Од првиот ден Франција јасно кажа дека Русија е агресорот“, рече Макрон на прашањето за неговите изјави дека Русија не треба да се понижува во дипломатските обиди за окончување на конфликтот.
„Но, мора да бидеме јасни: не сме во војна со Русија“, рече Макрон, кој продолжи да ги одржува отворени каналите за комуникација со Кремљ од почетокот на руската инвазија во февруари.
„Украинскиот претседател и неговите претставници ќе мора да преговараат со Русија“, рече тој.
Франција ја предводи борбената група на НАТО во Романија од околу 800 војници, меѓу кои 500 француски, а исто така распореди ракетен систем земја-воздух.
Посетата на Макрон на Киев, ако биде потврдена, ќе се случи еден ден пред Европската комисија да даде препорака за статусот на Украина како кандидат за членство во ЕУ.
Неколку земји од ЕУ, меѓу кои и Франција, изразија скептицизам за доделувањето кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина.