Веќе не е во прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите ако Бугарија не го подигне ветото, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот хрватски колега Горан Грлиќ Радман. Османи вели дека сега се во очекување на тоа што ќе се случи со Владата во Софија и како ќе се продолжат разговорите.
„Во прашање се денови во рацете на Бугарија, земја којашто 2018 ја врати европската агенда на Западен Балкан преку Самитот во Софија, потоа ја запечати таа агенда Загреб во текот на нивното претседателство. Дали сега пак во Софија ќе се погребе, за жал, ќе користам таков збор, таа перспектива на Западен Балкан, очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе“, рече Османи.
На 23 јуни треба да се одржи Самитот ЕУ- Западен Балкан. Бугарија го блокира стартот на преговори на Македонија со ЕУ, со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Изгледите да се тргне ветото до Самиот дополнително се комплицираат со превирањата во владината коалиција во Бугарија со излегувањето на партијата „Има таков народ“.
Грлиќ Радман рече дека отворањето пристапни преговори би бил не само политички, туку и важен психолошки момент и за граѓаните на Северна Македонија, бидејќи 17 години чекаат тоа да се случи.
Тој потенцира дека почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, не е само во интерес на државава, туку и во интерес и на целата ЕУ.
Министерката за надворешни работи на Бугарија во оставка, Теодора Генчовска денеска пред пратениците во бугарското Собрание зборува за Македонија. Таа рече дека бугарскиот премиер Кирил Петков му ветил на еврокомесарот Оливер Вархеји дека ќе го укине ветото за Северна Македонија. Партијата на која таа беше член „Има таков народ“, излезе од владината коалиција поради Македонија и поради тоа што веќе нема пари.