Шкотската премиерка Никола Старџен започна кампања за втор референдум за независност тврдејќи дека на Шкотска ќе и биде економски подобро надвор од Обединетото Кралство.
Старџен, која ја предводи Шкотската национална партија, како и децентрализираната влада во Шкотска, рече дека е „време да се дефинира поинаква и подобра визија“ за Шкотска, објавувајќи го првиот од серијата документи кои се залагаат за независност.
„По се што се случи, по Брегзит, Ковид, Борис Џонсон, време е да се дефинира поинаква и подобра визија“, рече Старџен.
Шкотска ја отфрли опцијата за независност на референдумот во 2014 година, бидејќи 55 отсто од гласачите изјавија дека сакаат да останат дел од Обединетото Кралство.
Старџен рече дека сака ново гласање за независност пред крајот на 2023 година. Таа денеска рече дека шкотскиот парламент има „неоспорен демократски мандат“ да гласа откако нејзината Шкотска национална партија победи на минатогодишните избори, ветувајќи дека ќе одржи нов референдум.
Нејзината партија со Зелената партија има мнозинство во шкотскиот парламент. Сепак, британската влада на премиерот Борис Џонсон се противи на новиот референдум, велејќи дека прашањето е решено со гласањето во 2014 година.
Од друга страна, Старџен тврди дека оттогаш ситуацијата се променила, пред се поради излегувањето на Британија од Европската унија, на што се противи мнозинството од населението на Шкотска.
Нов обврзувачки референдум бара одобрение од британската влада. Доколку Џонсон остане на својата цврста позиција, за ова прашање најверојатно ќе одлучуваат судовите.