Мишел: Западен Балкан приоритет за ЕУ, сега повеќе од било кога

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во Подгорица

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел кој денеска се сретна со претседателот Мило Ѓукановиќ во Подгорица, рече дека ова е важен момент за европската иднина на Западен Балкан и оти регионот е стратешки приоритет на ЕУ, сега повеќе од кога било.

„ЕУ беше обединета во воведувањето санкции кон Русија, а притисокот го обезбедува континуитетот на шест пакети санкции“, рече Мишел на заедничката прес-конференција со Ѓукановиќ, велејќи дека Западен Балкан е стратешки приоритет за ЕУ повеќе од кога било.

„Црна Гора е мошне постојан партнер за ЕУ повеќе од една деценија и вашата земја има рекорд од стопроцентно усогласување со политиката на ЕУ“, рече Мишел.

Европскиот функционер додаде дека за време на нивната средба разговарале за предлогот на „европската политичка заедница“.

„Појаснивме дека целта не е да го замениме процесот на европска интеграција на државата, туку директната политичка интеграција е можност да се сретнеме на ниво на лидери со цел да се промовира заедничкото политичко разбирање и заедничкиот напредок во интеграцијата во ЕУ“, рече Мишел

На почетокот на мај, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека е за „политичка европска заедница“ која ќе им овозможи на земјите кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи ги Украина и Обединетото Кралство, да им се приклучат на основните европски вредности.