Светската програма за храна на Обединетите нации денеска соопшти дека суспендирала дел од помошта во храна во Јужен Судан поради недостиг на средства. Таквата ситуација го зголемува ризикот од глад за 1,7 милиони луѓе, јавува новинската агенција Ројтерс.
Од ОН апелираат до нивните членки за донација од 426 милиони долари за да се спречи гладот во Јужен Судан, каде што милиони се соочуваат со глад како резултат на конфликти и поплави.
„Веќе сме во криза, но треба да ја вратиме помошта со храна... за да спречиме луѓето да паднат во глад и очај. За да го сториме тоа, итно ни се потребни 426 милиони долари за следните шест месеци“, изјави денеска програмскиот офицер на Светската програма за храна за Јужен Судан, Адејинка Бадејо.
Во извештајот на ОН кој беше објавен во март, еден месец по руската инвазија врз Украина, беше наведено дека во повеќе од 20 земји во светот ќе завладее глад во следните неколку месеци. Бројни семејства веќе гладуваат во делови на Јемен и Јужен Судан, се наведува во извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на ОН. Во извештајот се вели дека околу 34 милиони луѓе се борат со недостиг на храна и се на работ на глад.