Петков - Нова серија избори во Бугарија ќе биде погубна

Кирил Петков во Велико Трново

Бугарскиот премиер Кирил Петков при посетата на Велико Трново коментираше дека доколку неговата земја влезе во серија избори, тоа ќе биде катастрофално и губење историско време.

Петков рече дека продолжуваат разговорите со многу луѓе, бидејќи идејата е секој да ја сфати големата одговорност што ја носи. Доколку не се усвојат 22 нацрт-закони до крајот на годината, Бугарија ќе загуби и ќе запре 12 милијарди лева (6 милијарди евра) од европските фондови за бугарската економија, ажурирањето на пензиите нема да се случи, младите семејства нема да добијат дополнителни даночни олеснувања , а цената на горивата ќе продолжи да биде висока, додаде тој.

Петков изрази надеж дека примерот на петтемина пратеници од „Има таков народ“ и министерот за спорт во оставка Радостин Василев, кој вчера ја напушти пратеничката група, ќе го следат и останатите пратеници.

Според Кирил Петков, најважното нешто на што сега се фокусираат е во Собранието да имаат 121 пратеници за мнозинство кои немаат никакви зависности.

Партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов ја напушти владината коалиција во Бугарија, со што владата веќе го нема потребното мнозинство во парламентот. Тој рече дека излегува од владата поради Македонија и поради тоа што веќе нема пари.

Без партијата на Трифонов владејачката коалиција има 109 пратеници, а за мнозинство се потребни 121. Сепак, неколку пратеници од „Има таков народ“ решија да го напуштат Трифонов, но сè уште не се доволно за мнозинство.

Бугарија во 2021 година три пати одржа парламентарни избори, зашто никој немаше мнозинство за да формира влада.