ССМ најави штрајк од 22 јуни ако не се зголемат платите во јавниот сектор

Протест на ССМ за Први мај

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повикува и поведува на штрајк со цел заштита на економските и социјалните права на своите членови и на вработените во јавен сектор од работниот однос. Како што соопштија од ССМ, штрајкот е најавен за 22 јуни, а рокот за исполнувања на нивните барања е до 21 јуни оваа година.

Тие бараат склучување на Општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари во нето износ, согласно зголемувањето на минималната плата објавена во службен весник од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30 до 100 проценти од основицата.

Писмената најава за штрајк е доставена до Владата, Собранието и градоначалниците согласно Законот за работните односи, информира Синдикатот.

Согласно Одлуката, како што посочуваат, во штрајк стапуваат вработените во јавниот сектор, на 22 јуни, а штрајкувачите ќе штрајкуваат на своите работни места. Не се исклучува можноста штрајкот да се одвива и преку изразување на разни форми на работничкото незадоволство и синдикален притисок.
ССМ смета дека доколку се изгласа ребалансот на буџетот без да се предвидат средства за зголемување на платите во јавниот сектор, во тој случај нема да може да се постапи согласно закон и ќе нема средства за усогласување на платите на вработени во јавниот сектор ниту од 1 јули како што е барањето на ССМ, ниту во Законскиот рок за усогласување на платите.