Украинските власти велат дека руските сили сега имаат контрола над поголемиот дел од Северодонецк, откако сите мостови кои водат надвор од клучниот источен град беа уништени поради жестокиот воен судир во регионот на Донбас, кој Киев го нарече „една од најбруталните битки во и за Европа“.
Украинското Министерство за одбрана соопшти дека интензивните борби продолжуваат, но руските сили веќе го контролираат центарот на градот поради нивната супериорна артилериска моќ на оган што вклучува употреба на повеќе ракетни системи.
Во соопштението е наведено дека руските сили „трпат значителни загуби во пешадиските единици“, но тие продолжуваат да напредуваат со помош на артилерија и воени авиони.
Се бара: војник на договор - добра плата и бонус за уништување украински тенкови
Украинските власти рекоа дека патиштата за снабдување на преостанатите во градот се затворени, а евакуацијата сега е невозможна откако се уништени сите три клучни мостови што го поврзуваат Северодонецк со неговиот збратимен град Лисичанск.
Доколку паднат Северодонецк и Лисичанск, руските сили би имале контрола врз целиот регион Луганск, од кој голем дел е веќе под контрола на сепаратистите поддржани од Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање рече дека битката за регионот Донбас „сигурно ќе влезе во воената историја како една од најбруталните битки во Европа и за Европа“.
Зеленски рече дека неговите сили се соочуваат со „значајната предност на Русите во количината на опрема, а особено артилериските системи“ и уште еднаш го повика Западот да испрати понапредни системи за тешко вооружување до борбените украински бранители.
„Цената на оваа битка за нас е многу висока. Тоа е само страшно. И секојдневно го обрнуваме вниманието на нашите партнери на фактот дека само доволен број модерна артилерија за Украина ќе ја обезбеди нашата предност и конечно крај на руската тортура врз украинскиот Донбас“, додаде тој.
Претходно, шефот на воената управа на регионот Луганск за РСЕ изјави дека сите три моста од источниот украински град Северодонецк се неупотребливи и дека условите за луѓето кои остануваат во градот се „исклучително тешки“.
„Сите мостови се уништени, така што денес е невозможно нешто да се донесе во градот, за жал“, изјави гувернерот Серхи Хејдеј, додавајќи дека евакуацијата не е можна.
Руските сили ја уништија целата инфраструктура за гас, вода и електрична енергија, изјави Хејдеј, истакнувајќи дека има и „огромни проблеми“ со медицинската нега.
Според Хејдеј, руската армија моментално контролира 70 до 80 отсто од Северодонецк, град со повеќе од 100.000 жители пред војната.