Бугарскиот министер за спорт Радостин Василев кој беше повлечен од функцијата од лидерот на партијата „Има таков народ“ и уште петмина заменици министри кои доаѓаат од „Има таков народ“ ја напуштаат партијата поради несогласување со одлуката на лидерот Слави Трифонов. Тие ова го соопштија денеска на заедничка прес конференција.
Пресврт во Бугарија – Што следи по излегувањето на Трифонов од владата
Неколку часа претходно, лидерот на ИТН, Слави Трифонов , во својата објава на Фејсбук напиша дека има информации за пратеници кои планираат да ја напуштат групата ИТН во парламентот, за кои како што тврди „најверојатно се купени со пари и со потегот прават предавство“.
Останатите претставници на групата кои најавија дека ја губат довербата во Трифонов се Николај Радулов, Иво Атанасов, Георги Георгиев, Дејан Петков и Светлин Стојанов .
„Дојде моментот кога мафијата упадна во „Има таков народ“, изјави Василев.
„Бугарија ми е поважна од задкулисните интереси на група луѓе кои најверојатно владеат со нашиот лидер“, додаде тој, обраќајќи му се на Слави Трифонов.
Трифонов- Најверојатно се купени пратениците што ја напуштија партијата „Има таков народ“
Според министерот за спорт, вистинската причина Трифонов да ја напушти владејачката коалиција не е Северна Македонија, туку она што се случува во Министерството за регионален развој и јавни работи.
„Поради ова министерство државата паѓа, меѓу нашите пратеници имаше шега дека ќе има влада додека е Гроздан Караџов на власт“, рече Василев.
Тој го опиша ИТН не како парламентарен проект, туку како „бизнис проект“. „Тоа беше поставено од самиот почеток“, рече тој.
„Досега овој проект се спроведуваше. Неможноста или несогласувањето на коалициските партнери да обезбедат средства за да бидат украдени од компаниите доведе до хистерија и господинот Трифонов ги повлече министрите. Нема Македонија - Македонија е апсолутно имагинарна причина“, додаде Василев.
Според него, однесувањето на Слави Трифонов е слично на она на „единствениот сопственик“ на партијата. Одлуката за напуштање на коалицијата не била координирана со никој од пратеничката група, а самиот Василев разбрал дека ќе биде „повлечен“ само половина час пред говорот на Трифонов.