Хил - Србија да размисли дали е одржлива „неутралната позиција“ околу војната во Украина

Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил изјави денеска дека Србија треба да размисли околу тоа каде лежи нејзината иднина и дали оваа „неутрална позиција “ на официјален Белград е одржлива и врз основа на тоа да ја донесе својата одлука.

Хил изјави дека тоа што се случува во Украина „ е брутален напад врз земја и продолжувањето со убиства на цивили е потполно неприфатливо. Тој додаде дека такво нешто не е видено од Втората светска војна.

Амбасадорот на САД посочува дека светот се промени од 24 февруари и дека „сите треба да размислиме каде сме, каква е нашата позиција и каде сакаме да бидеме во иднина“.

Хил: Патот за Србија е Западот и ЕУ

Србија која е земја членка на ОН ја осуди руската инвазија врз Украина, а во Комитетот за човекови права гласаше за исфрлање на Русија од тоа меѓународно тело. Но, српските власти неколку пати до сега јавно изјавија дека Белград нема да воведе санкции против Русија, поради пријателските односи со таа земја, како и поради енергетската зависност од Москва, но и поради ставот на Кремљ за непризнавање на независноста на Косово.

Земјите членки на ЕУ и САД во неколку наврати побараа од Белград да ја усогласат својата надворешна политика со западната.