Жестока пратеничка расправа за ребалансот на буџетот

Инфлацијата, јавниот долг и непродуктивните трошења се главните теми за кои дебатираат денеска во жестока расправија пратениците на првиот ден од комисиската расправа во Собранието за ребалансот на Буџетот за 2022 година. Ребалансот на државната каса, како што образложи министерот за финансии Фатмир Бесими, има две цели – да ја задржи стабилноста и да ги поддржи економијата и граѓаните.

За пратениците од власта, со ребалансот се овозможува продолжување на досегашните мерки и политики за справување со последиците од светската економска криза. Ставот на опозицијата што го изнесе денеска на собраниската Комисија за финансирање и буџет е дека овој ребаланс е директен доказ за тоа дека земјава е на раб од банкрот, економски разрушена, испокрадена, во која на дневна основа се зголемува сиромаштијата.

Ако ги покачите цените ќе пристапиме кон кажување на мајка ви

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека државата никогаш немала повисока стапка на јавен долг, и оти имаме највисока инфлација во последните 20-тина година, огромен недостаток на домашно производство на електрична енергија, најнизок економски раст во регионот, но, и како што нагласија, најкорумпирана власт која за пет години успеала да уништи сиот институционален капацитет кој се создавал во минатото.

За пратениците од СДСМ, пак, преку овој ребаланс со одговорен пристап се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и стопанството.

Македонските нафтени компании со милионски профит во нафтена криза

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи.

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти што е намалување за 1,4 процентни поени во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот, а стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари односно 5,3 проценти од БДП што е за 9,1 процент повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг, како што беше посочено на презентацијата на ребалансот, ќе се финансираат преку задолжување од меѓународниот и домашниот пазар.

Во ребалансот на Буџетот предвидени се околу 70 милиони евра за антикризни мерки кои, како што најавуваа владини претставници во изминатиов период, ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни.