Дебар е пример за етничка и верска толеранција

Пратеници се сретнаа со средношколци од различни етнички заедници во Дебар

Претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците во македонското Собрание, Арбана Пашоли, по средбите што членови на Комитетот ги имаа со членовите на општинската комисија за односи меѓу заедниците во Дебар, како и со градоначалникот Хекуран Дука, изјави дека Дебар беше и останува пример за етничка и верска толеранција.

Пратеничката Арбана Пашоли за Радио Слободна Европа изјави дека „дебарските граѓани се пример за соживот, етничка и верска толеранција и имаат одлични меѓусебни односи“. Пашоли додаде дека тоа уште еднаш е докажано и за време на средбите кои пратениците членови на Комитетот ги имаа со членовите на локалната комисија за односи меѓу заедниците во Дебар.

Во општинската комисија членуваат претставници на сите етнички и верски заедници.

Локалната комисија за односи меѓу заедниците информираше дека општина Дебар секогаш имала одлични односи и соживот, без разлика на одредени состојби кои биле присутни на поширок план.

На средбата со дебарскиот градоначалник Хекуран Дука членовите на Комитетот добија информации во врска со посебното внимание на локалната власт во однос на реализација на проекти, како во урбаните, така и во руралните средини, сè со цел животот да се подобри во сите средини, без разлика кој живее во тие средини.

Според Пашоли, Комитетот ќе продолжи да има средби во сите општини со комисиите за односи меѓу заедниците, сè со цел да ги согледа меѓуетничките и меѓуверските состојби поконкретно на локално ниво.