Град Скопје го објави повикот - Субвенции до 1000 евра за инвертери

Илустрација

Град Скопје го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување за 2022 година, на кој граѓаните може да аплицираат онлајн на uslugi.skopje.gov.mk.

„На повикот може да аплицираат лица што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 01.01.2022 година и се жители на Град Скопје од општините Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ги исполнуваат предвидените услови. Повикот ќе биде отворен до 01.11.2022 година или до денот на исцрпување на средствата. Јавниот повик ќе се реализира по редослед на аплицирање, односно по дата и време на аплицирање и по испратена потврда за предадена печка“, соопшти Град Скопје.

Согласно условите од јавниот повик, се вели во соопштението, граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Град Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.

„На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење без оглед на тоа дали го користат, како и лица кои претходно добиле субвенции за набавка на печки на пелети или инвертери“, се наведува во повикот.

Во буџетот на Град Скопје за 2022 година за оваа намена се предвидени 24 милиони денари, или околу 400 илјади евра.

Градските власти посочуваат дека овие субвенции се дел од мерките што Градот Скопје ги има предвидено во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Градот.