Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Турција има „легитимна загриженост“ за тероризмот и другите прашања што треба да се сфатат сериозно. На вчерашната заедничка прес-конференција со финскиот претседател Саули Нинисто во Хелсинки, Столтенберг рече дека „ниту еден друг сојузник на НАТО не претрпел повеќе терористички напади отколку Турција“, и укажа на стратешкото значење на позицијата на земјата поради соседите како Ирак и Сирија. „Ова се легитимни грижи. Се работи за тероризам, за извоз на оружје. Мораме да се справиме со безбедносните проблеми на сите сојузници. Тоа ја вклучува и загриженоста на Турција за терористичката група Курдистанска работничка партија“, рече Столтенберг, додавајќи дека кога „клучен сојузник“ како Турција ќе го покрене прашањето за тероризмот, НАТО мора да го сфати сериозно. „И токму тоа го правиме“, рече Столтенберг.
Ердоган останува против влезот на Финска и Шведска во НАТО
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно ги обвини Финска и Шведска дека ги поддржуваат курдските милитанти и рече дека Турција нема да го поддржи членството на двете земји во НАТО доколку тие не ја променат својата политика. Барањата на Анкара до Хелсинки и Стокхолм вклучуваат укинување на ограничувањата за извоз на оружје во Турција, како и екстрадиција на одредени членови на курдските организации кои се против владеењето на Ердоган. Столтенберг денеска ќе ја посети Шведска и ќе разговара со шведската премиерка Магдалена Андерсон.