Ковачевски прочита дел од молитва во заедничката литургија во Фенер

Илустрација

Сослужувањето на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан во соборниот храм „Свети Георгиј Победоносец“ во Фанар,Истанбул се одвива и на македонски јазик. Во заедничката литургија му беше отстапен простор на македонскиот премиер Димитар Ковачевски да се вклучи во молитвата и на македонски јазик да прочита дел од молитвите Симболот на верата и „Оче наш“.

Во четвртокот вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија (ОА) во богослужбено и канонско единство.

На литургијата во Фанар присуствува владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Во владината делегација се и Бујар Османи, министер за надворешни работи, Славјанка Петровска, министерка за одбрана и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. На богослужбата присуствува и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи. По литургијата предвиден е прием за членовите на делегацијата и средба на премиерот Ковачевски со Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Прва заедничка света литургија на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај.

Процесот до конечно добивање на официјалниот томос за автокефалност од Вселенскиот патријарх, како што минатата недела изјави митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, започна на 4 јуни со врачувањето на документот од страна на патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.