Властите во Пекинг предупредија дека главниот град на Кина се соочува со „експлозивно“ ширење на случаи на ковид-19, откако почнаа да ги заоструваат ограничувањата во неколку населби.
Претставници на Пекинг денеска рекоа дека во градот се откриени 61 нови случаи во претходниот ден и оти тие се поврзани со еден угостителски објект.
„Последната појава на случаи поврзани со барот „Рајски супермаркет“ е солно експлозивна по природа и широко распространета по обем, а составот на поединци исто така е сложен“, изјави портпаролот на градот Су Хеџијан на брифинг со новинарите.
Пекинг денеска пријави 46 нови локални случаи на ковид-19 до 15 часот по локално време.
Пред две недели, Пекинг ги олабави ограничувањата против ковид-19 кои беа воведени во април за да спречи голема епидемија во градот.
Пријавените стапки на инфекција во Кина се ниски во споредба со оние во другите земји. Во државата со 1,4 милијарди жители од коронавирус починаа над 5200 луѓе.
Сепак, претседателот Си Џинпинг воведе политика на „нула ковид“ во земјата каде што се верува дека започна пандемијата во 2019 година.
Властите во Шангај објавија дека почнуваат нова рунда тестови за ковид-19 за скоро сите 25 милиони жители, откако беа откриени десетина нови случаи.
Тоа се случи 10 дена откако градот го укина двомесечното затворање со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Националната здравствена комисија објави дека во континенталниот дел на Кина вчера биле откриени 210 нови случаи на коронавирус, од кои 79 симптоматски и 131 асимптоматски.
Од почетокот на пандемијата во Кина се потврдени над 224 илјади случаи со симптоми.