Украина прави сè што е можно за да ги спаси тројцата странски државјани кои беа осудени на смрт од страна на сепаратистите во источниот украински регион Доњецк, изјави на 11 јуни пратеник во парламентарната комисија за безбедност и одбрана на Украина.
Британците Ејден Аслин и Шон Пинер заедно со Мароканецот Саудун Брахим беа осудени на смрт на 9 јуни поради „платенички активности“.
„И Министерството за одбрана и Главната управа за разузнавање, која се занимава со размена на затвореници, ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат спасување на овие граѓани на странски држави...“, рече пратеникот Федир Вениславски на националната телевизија.
Тројцата осудени велат дека служеле во украинската војска кога биле заробени од сепаратистите поддржани од Русија додека се бореле со руските сили.
Заменик-премиерката Ирина Верешчук рече дека верува оти сепаратистичките власти на крајот ќе постапат рационално, бидејќи, како што вели, добро се свесни за непоправливите импликации за нив и за Русите доколку преземат какви било погрешни чекори против, како што ги нарече, овие тројца наши војници.
Велика Британија го осуди изрекувањето на смрти казни за британските државјани и оцени дека станува збор за „огромно кршење“ на Женевската конвенција, според која воените затвореници имаат право на воен имунитет и не треба да се гонат за учество во воените дејствија.
Обединетите нации предупредија дека неправедните судења на воените заробеници се еднакви на воени злосторства.
Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, тројцата мажи извршиле злосторства на територијата на она што лидерите на сепаратистите го нарекуваат Доњецка Народна Република (ДПР).
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Велика Британија треба да поднесе жалба до самопрогласените власти на ДПР за војниците. Британија не ја признава ДПР.
Меѓу земјите-членки на Обединетите нации, само Русија ја признава целата украинска провинција Доњецк како Народна Република Доњецк. Територијата е меѓународно призната како дел од Украина.