Велика Британија повторно ги осуди смртните пресуди на двајца Британци изречени од страна на сепаратистите поддржани од Русија во источниот украински регион Доњецк.
Остри реакции претходно стигнаа и од портпаролот на Обединетите нации како и од германската влада.
Британците Ејден Аслин и Шон Пинер заедно со Мароканецот Саудун Брахим беа осудени на смрт на 9 јуни поради „платенички активности“.
Сите тројца велат дека служеле во украинската војска кога биле заробени од проруските сепаратисти додека се бореле со руските сили.
Семејството на Аслин рече дека тој и Пинер живееле во Украина кога избувна војната во февруари и „како членови на украинските вооружени сили, треба да се третираат со почит исто како и сите други воени затвореници“.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус рече дека пресудата на Аслин и Пинер претставува кршење на Женевските конвенции.
Портпаролот на премиерот Борис Џонсон пак изјави дека приоритет на Велика Британија е да работи со украинската влада за да обезбеди ослободување на војниците што е можно побрзо.
Германија ја критикуваше Русија поради смртните пресуди, велејќи дека тие го покажуваат „уште еднаш целосното непочитување на Русија кон меѓународното хуманитарно право“.
Германското Министерство за надворешни работи на Твитер истакна дека борците имаат право на заштита според Женевската конвенција.
Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, тројцата мажи извршиле злосторства на територијата на она што лидерите на сепаратистите го нарекуваат Доњецка Народна Република.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Велика Британија треба да поднесе жалба до самопрогласените власти на Доњецка Народна Република за војниците.
Британија не ја признава Доњецка Народна Република.
Меѓу земјите-членки на Обединетите нации, само Русија ја признава целата украинска провинција Доњецк како Доњецка Народна Република.
Територијата е меѓународно призната како дел од Украина.