Очекуваме земјите кандидати за членство во ЕУ да се приклучат на санкциите против Русија поради инвазијата врз Украина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
„Важно е што повеќе земји да се приклучат на санкциите, бидејќи тоа е инструмент кој помага на Украина. Санкциите се многу ефикасни“, рече Шолц.
Тој подвлече дека желбата на голем број европски земји е Србија да се приклучи кон санкциите.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак на прес-конференцијата истакна дека Србија не се согласува со руската инвазија на Украина, а тоа го покажала со своите одлуки во Генералното собрание на ОН и ОБСЕ, осудувајќи го нападот врз Украина.
„Што се однесува до правната и политичката природа на самиот конфликт, позицијата на Србија е многу јасна. Што се однесува до санкциите, ние имаме поинаков став поради многу причини“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека граѓаните на Србија се сеќаваат на санкциите и дека не мислат дека санкциите се добра работа. Додаде дека „многу добро ги разбрал барањата на канцеларот Шолц“.
„Разговарав со него на отворен и искрен начин за тоа. Тој ќе биде информиран за сите наши одлуки за тоа“, рече Вучиќ.
Денеска во Белград се одржа средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е на дводневна турнеја низ Западен Балкан.
Шолц дојде во српскиот главен град од Приштина, каде претходно се сретна со косовскиот премиер Албин Курти.
Германскиот канцелар утре пристигнува во Скопје каде ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски, а планирани се и пленарни разговори на двете делегации. Од Скопје Шолц потоа заминува за Софија на средби со бугарскиот државен врв.