Косово до крајот на годинава ќе поднесе барање за членство во ЕУ

Премиерот на Косово - Албин Курти

Премиерот Албин Курти денеска по состанокот со германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Косово официјално ќе поднесе барање да стане членка на Европската унија до крајот на 2022 година и покрај загриженоста за тензиите со соседна Србија, која што е исто така аспирант за ЕУ.

Откако започна руската инвазија врз Украина во февруари, официјалните лица од Косово ја истакнаа нивната желба за поблиски врски со Западот, вклучително и членство во ЕУ и НАТО со цел да се зајакне економската и воената безбедност на земјата.

„Европа е нашата судбина. Европа е нашата иднина“, рече премиерот Курти.

Во однос на тензиите со Србија, германскиот канцелар Шолц предупреди дека двете држави мора „да најдат политичко решение со сеопфатен, одржлив договор, кој исто така ќе придонесе за регионалната стабилност“.

Косово прогласи независност во 2008 година, која официјален Белград не ја признава. Независноста на Косово ја признаа САД, повеќето земји од ЕУ, но не и Кина и Русија.

ЕУ се обидува да посредува во дијалогот меѓу двете држави повеќе од една деценија, но досега напорите не успеаја да постигнат нормализација на врските.