Рускиот суд издаде налог за апсење на Виолета Грудина, поранешната лидерка на тимот на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.
Грудина, која моментално е надвор од Русија, на Телеграм напиша дека не е јасно кои се точните обвиненија против неа, додавајќи дека тие најверојатно вклучуваат учество во екстремистичка група, кршење на мерките против коронавирус и ширење лажни информации за вооружените сили на Русија.
Кон крајот на декември, руските власти ја ставија Грудина на листата на барани лица. Во јануари Грудина изјави за РСЕ дека побегнала од Русија.
Минатиот месец, судот во Москва издаде налози за апсење на неколку блиски соработници на Навални, меѓу кои и поранешниот директор на неговата Фондација за борба против корупцијата, Иван Жданов, поранешните адвокати на фондацијата и поранешниот координатор на регионалната мрежа на Навални.
Кривичниот законик на Русија предвидува казна до 12 години затвор за лицата кои ќе бидат прогласени за виновни за таквите обвиненија.