Во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија посветен на „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул, претпладнево се одржа празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх Вартоломеј, на која молитвено присуство имаа и архиепископот охридски г. Стефан, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, митополитот преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископот хераклејски Климент и епископот антаниски Партениј.
Во своето обраќање кон вселенскиот патријарх Вартоломеј, архиепископот Стефан му се заблагодари за прифаќањето на нашето апелациско прибегнување и за востановувањето на литургиското општење со нашата Црква.
„Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот Синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на Православната Црква“, истакна архиепископот Стефан.
На крајот од богослужбата, епископот антаниски Партениј со неговото братство и сестринство, на вселенскиот патријарх Вартоломеј му подари архиерејска панагија во чест на неговиот именден и во знак на благодарност за признавањето на Охридската Архиепископија.
Денешната богослужба се одржа по вчерашното предавање на патријархот Вартоломеј на архиепископ Стефан на Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со кој се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква.
Патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан в недела на роденденот на Црквата – празникот Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе одржат заедничка патријаршиска и синодална света литургија.