Охридската Архиепископија од патријархот Вартоломеј го прими Патријаршискиот акт за примање во богослужбено и канонско единство

Поглаварот на МПЦ-ОА, владиката г.г. Стефан

Вселенскиот патријарх г. Вартоломеј вчера на нашиот архиепископ г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква. Чинот на примопредавањето на Патријаршискиот се одржа на крајот на вечерната богослужба по повод именденот на вселенскиот патријарх, што се одржа во ставропигијален манастир „Балаклија” во Истанбул, на која присуствуваше и делегација на Охридската Архиепископија, предводена од архиепископот г. Стефан.

МПЦ-ОА: Документот на СПЦ, надеж за скоро издавање на Томос од Вселенскиот патријарх


Делегацијата на Охридската Архиепископија, кој од вчера престојува во Истанбул, в недела на роденденот на Црквата, Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе присуствува на заедничката патријаршиска и синодална света литургија на патријархот г. Вартоломеј и архиепископот г. Стефан. Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Вартоломеј: Отстранувањето на повеќедецениската шизма е историски момент

Одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата Црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Одлука за отстранување на шизмата не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

Чекано и дочекано - СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА

Ваквиот потег на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.