Лекари, политичари и бодликави жици
УКРАИНА / РУСИЈА - Двајца Британци и еден Мароканец, кои беа заробени од страна на руските сили во Украина, се осудени на смрт, јавува руската новинска агенција РИА Новости, пренесува Би-Би-Си.
САД - Претставничкиот дом на Соединетите Држави усвои нацрт-закон за контрола на оружјето како одговор на неодамнешните масовни престрелки во Бафало, Њујорк и Увалде, Тексас. Со новиот закон ќе се зголеми старосната граница за набавка на полуавтоматска пушка и ќе се забрани продажбата на пакувања со муниција со повеќе од 15 куршуми.
СРБИЈА - Владата на Србија соопшти дека на денешна седница донела одлука за испраќање финансиска хуманитарна помош за децата и бегалците во Украина во вкупен износ од три милиони евра.
ИРАН - Иран им нанесе речиси смртоносен удар на изгледите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, бидејќи започна да ја отстранува скоро целата опрема за набљудување на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), која беше инсталирана според договорот, изјави шефот на Агенцијата Рафаел Гроси.
НИГЕРИЈА - Нигериските власти се сомневаат дека бунтовничката група Исламска држава на Западноафриканската провинција (ИСВАП) во неделата на 5 јуни го извршила масакрот во католичка црква, во кој беа убиени 40 лица, изјави денеска министерот за внатрешни работи Огбени Рауф Арегбесола.
УКРАИНА - Украинските сили беа вклучени во интензивни улични борби со руските војници во клучниот источен град Северодонецк и покрај постојаниот и неселективен артилериски оган од Москва, изјавија денеска украинските власти, повикувајќи повторно брзо да биде испорачано напредното оружје кое го вети Западот.
МАКЕДОНИЈА - Приватните специјализанти немаат добиено надоместок за дежурства од месец февруари. Од здружението на лекари специјализанти велат дека исплатата на дежурствата е прекината без никакво образложение и покрај тоа што имаат склучени договори со клиниките за исплата на надоместокот за својата работа.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах е во тридневна посета на Скопје, од 9 до 11 јуни. Тој ќе учествува на Генералното Собрание на Европските олимписки комитети кое се одржува во главниот град на Севрна Македонија.
СЛОВЕНИЈА - Новата словенечка Влада планира да ги отстрани противмигрантските физички препреки од границата со Хрватска до крајот на годината. Наскоро ќе се направи и оперативен план, а информацијата е потврдена за агенцијата СТА.
БУГАРИЈА - Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска денеска најави дека ќе поднесе оставка, поради тоа што дознала дека премиерот Кирил Петков водел разговори со европски дипломати за тргање на ветото за Северна Македонија.