Општина Центар на денешна седница ги стопираше градежните дејствија за вкупно осум парцели кои се дел од ДУП ЈО7, кој ги опфаќа локациите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, во кои припаѓа и градежната парцела на инвеститорот Маркеза ДООЕЛ во парк шумата Водно до која нема пристапен пат, како што информираат од општината.
Ваквата одлука е донесена откако на денешната редовна 11-та седница на Советот на Општина Центар градоначалникот Горан Герасимовски побара дневниот ред да биде дополнет со точка за стопирање на сите градежни дејствија во ДУП ЈО7.
Фирмата „Маркеза“ доби одобрение за градба од страна на претходниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ во април минатата година, а жителите кои живеат во подножјето на Водно стравуваа за својата безбедност, но и за иднината на своите имоти доколку дојде до конечна реализација на овој спорен детален урбанистички план.
„Со оваа одлука на денешната седница практично се стопираат сите градежни дејствија со што ниту едно дрво во тој потег од парк шумата Водно нема да биде исечено и таа ќе остане недопрена и заштитена од предвидените градежни активности“, изјави Герасимовски.
Од општината велат дека стопираните градежни активности се однесуваат на парцела на која веќе се почнати градежни дејствија од инвеститорот Маркеза ДООЕЛ кој имал добиено одобрение за градба, но и дека стопирани се и други 7 кои се потенцијални плацови за градба.
Инвеститорот до општината имал поднесено барање за изградба на пристапен пат до парцелите во должина од околу 130 метри, поради што требаше да се сечат дел од дрвата на овој потег, велат од Општина Центар.
„Општина Центар постапи по барањето за изградба на пристапниот пат, по што на терен излезе геодет кој утврди дека нагибот на просторот каде треба да биде изведен пристапниот е далеку поголем од законски пропишаниот, што значи дека нема услов за градење на пристапен пат согласно актуелниот закон. Согласно ова, во овој момент Општина Центар ги прекинува сите постапки за овој дел од планот“, се наведува во соопштението.