Украинските сили беа вклучени во интензивни улични борби со руските војници во клучниот источен град Северодонецк и покрај постојаниот и неселективен артилериски оган од Москва, изјавија денеска украинските власти, повикувајќи повторно брзо да биде испорачано напредното оружје кое го вети Западот.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека исходот од „жестоката“ битка за Северодонецк ќе биде одлучувачки за судбината на Донбас.
Во Киев, министерот за одбрана Олексеј Резников денеска рече дека Украина губи до 100 војници секој ден во борбите на фронтот против руските војници, а дека стотици други се ранети.
Говорејќи од Северодонецк, командантот Петро Кусик рече дека Украинците ги вовлекуваат Русите во улични борби за да ја неутрализираат руската артилериска предност.
Кусик рече дека украинските сили страдаат од „катастрофален“ недостиг на артилериски оган за да се спротивстават на руските пушки. Добивањето на такво оружје ќе ја промени играта, рече тој.
САД и Велика Британија претходно овој месец објавија дека ќе му обезбедат на Киев прецизни артилериски системи со долг дострел кои можат да погодат цели до 80 километри.
Но, испораката на системите и обуката на украинскиот персонал се очекува да трае со недели.